Тартуфот е една од бројните јадливи печурки кои се распространети низ македонските планини, само за разлика од другите печурки кои раснат на површината на земјата, тартуфот расне во земјата, поради што потешко се доаѓа до неа. Всушност за да се откопа ова црно злато, како што ја нарекуваат печуркарите и заради раритетот и заради цената, нејзините љубители мора да користат помош од специјални кучиња трагачи.

Целиот бизнис започна аматерски, од љубопитност

Говориме за една генијална цел која се раѓа од љубовта кон природата, од интересот да се запознаат природните ресурси, од мотивот здравите навики на живеење да станат секојдневие, и сето тоа благотворно да влијае на домашниот буџет. Ова е поентата на која денес се базира еден релативно успешен бизнис на семејната компанија „Евал“, за  којшто разговараме со нејзината менаџерка,  Валентина Митрова, која вели:„Среќни сме што го остваривме својот сон. Создадовме одлични производи кои се единствени на домашниот пазар и се многу корисни за здравјето.“ Митрова, како главен креатор на вкусовите и рецептите и организатор на подготвувањето на ТУФ производите, гордо се навратува на нивните почетоци.

 - Реализацијата на идејата да се дојде до овие природни производи е макотрпна,- признава нашата соговорничка.- Потребно е многу трпение и минување на голема километража по планините. Но, целиот наш бизнис започна аматерски, од љубопитноста на мојот сопруг Тони  - што е тоа тартуф?

Македонија во основа е богата држава со природни ресурси, па така и тартуфот е распространет речиси во сите шумски предели, само што се бараат во сезони, појаснува Митрова. Секоја сезона носи нов предизвик, бидејќи количината до која ќе се дојде зависи од повеќе фактори и од тоа каква е годината.

Тартуфите се исклучително ретки печурки, растат на одредени места. Ги има повеќе видови, но „ЕВАЛ“ ги користи видовите на црниот тартуф: tuber aestivum, tuber uncinatum, tuber Borchi, tuber melasporum. Во основа пет грама тартуф се продава за 256 денари, а тоа количество се добива од околу 100 грама свеж таратуф.

-Приказната, како што реков започна од љубопитност, вели Митрова.- Сопругот, Тони е голем љубител и на природата и на животните, но беше многу заинтересиран и за тартуфот. Истражуваше, читаше, а пред себе го имаше и искуството од нашите пријатели од Италија и Франција – кои долги години се занимаваа со тартуф. Едноставно го интересираше што богатство е тартуфот. Богатство за кое се знаело уште од Римјаните, кои го користеле како храна за богатите луѓе. Исто така познати се и приказните дека римската војска преживеала консумирајќи тартуфи...“

Во фокусот на Тони било сѐ што е потребно за да започне со трагање на тартуф по нашите планини.

-И започнавме. Купивме куче од расата Лагото од Италија и го дресиравме по инструкциите што ги добивме од каде што го купивме. И да бидам искрена, прво го дресираше, па потоа го плативме 3 000 евра. Инаку, оваа раса има вроден ген за откривање на тартуфи, а кучето беше од родители шампиони во трагање на тартуфи. Првиот тартуф со дресираното куче Тони го најде на Беласица 2011 година“, раскажува Валентина.

До тартуф – само со кучиња, трагачи

Митрова уште еднаш потенцира дека тартуфите тешко се откриваат, бидејќи растат од десет до 30 сантриметри длабоко во почвата, под одредени видови дрвја. До нив се стигнува само со добро истренирани кучиња-трагачи. Тие по мирисот го откриваат и откопуваат тартуфот, но и при таа постапка е потребно посебно внимание за тартуфот да остане неоштетен.

Во моментот семејството Митрови имаат седум обучени трагачи. За нив изградиле одгледувачница, која е пријавена, одобрена и сертифицирана во Брисел. Митрова објаснува и дека ниту едно од нивните кучиња не е во крвно сродство, туку сите седум се од разни држави, Швајцарија, Грција, Италија, Франција, Иран. Одгледувачницата зафаќа половина од нивниот 1000 квадратен плац.

 

Одгледувачницата како што вели Митрова- е изградена според сите стандарди за што инспекторите од Брисел, кои направеле контрола, дале највисоки оценки.

-Да не речам дека беа изненадени од изгледот и функционалноста на професионално  изградената одгледувачница. Кучињата, речиси секои два до три дена се на терен,  но кога не се имаат прикладен простор не само за одмор туку и да се истрчаат. Без добар тим од кучиња, не можете да очекувате дека ќе обезбедите количини и ќе може сериозно да се занимавате со тартуфарството“, убедлива е Митрова. Инаку, професионално обучените кучиња што сега ги користат се од расата ,,lagotto romagnolo” и кокер-шпаниел.

Нашата соговорничка вели дека може да се користат и други раси на кучиња со исклучително добро сетило за мирис, како што се на пример Springer Spaniel, Beagle, Labrador retriever, и други. Организацијата за нивната обука и тренинг секако е во рацете на  нејзиниот сопруг, како лиценциран тартуфар и пронаоѓач на ваков тип печурки со повеќегодишно искуство.“

Митрова додава дека најчесто Тони сам оди на терен, но кога е сезоната поволна го придружуваат и синовите. „Всушност, тартуфот има период на следење. Самиот бизнис со тартуфите, како што нагласува Митрова, има многу работа и трчање. Затоа што има и многу диви копачи чиј интерес е заработка во даден момент со што го рушат пазарот.“

 Првиот финален производ, по пет години истражување

Тоа е првиот дел од приказната каде главната ролја е сконцентрирана околу Тони, а вториот дел паѓа на моите рамена, вели Митрова.

На почетокот количествата тартуф кои ги ископувале, сами ги користеле. „Свежиот тартуф го комбиниравме со други јадења. Но, како количините со ископаниот тартуф се зголемуваа, добар дел од свежите тартуфи ни остануваше. Поради тоа, некаде од 2015 година започнав поинтензивно да истражувам околу нивната обработка. Соработував и се консултирав со повеќе професори од македонските универзитети и технолози од повеќе институционални и научни установи.... Лабораториските истражувања ги направивме во приватна лабораторија. Но, во секој случај мене ми беа потребни околу пет години да создадам добар производ бидејќи се работи за многу специфичен процес и суровина,“ раскажува оваа инвентивна госпоѓа.    

 

Тартуфи во маслиново масло, е првиот производ од преработка на тартуфот што Митрова го финализирала. Потоа, следел намазот од маслинки со тартуф и шампињони итн. „Така, сонот за компанија и бизнис со тартуфите, започна да се остварува. Со постојаниот технолошки напредок во производството, се усовршуваме и секој ден се трудам да направам нешто ново и иновативно. Морам да кажам и тоа, дека за отворањето на фирмата, ни беше потребно да поминеме низ долг временски период, од причина што за вакви производи немаме регулатива во земјава. Евал е регистрирана за обработка на тартуфи и производство на најразличен тип на производи што содржат тартуф“, образложува Митрова.

И додава: „Мора да признаам дека сега сум среќна што го остварив мојот сон. Создадов одлични производи кои се многу корисни за здравјето. Со голема страст, посветеност и ентузијазам, директно од природата го носиме најскапоценото богатство на секоја трпеза.“

Менаџерката објаснува дека засега се брендирани четири од нивните производи од кои само минатата година биле подготвени десетина илјади теглички. Зборуваме за 100 грамски пакувања од Тартуфата – намаз, со шампињони, вргањ, и црна маслинка и зачини. Потоа, слатко од портокал со тартуф, сол со вкус на тартуф, сушен тартуф и 250 грамски тартуф во маслиново масло.  

Наскоро ликер од мандарина со тартуф

Митрова во моментов го истражува и планира производство на ликер од мандарина со тартуф и чоколада со тартуф, како нутела. Засега целокупното производство го организира и сработува сама со помош на својата снаа. А расополагаат со основни машини, дробилки, мијачки. Меѓутоа, нашата соговорничка признава дека и треба и лента за собирање на готовите производи со што ќе се направи целосно заокружување на производниот процес. 

Нашата соговорничка пренесува и дел од искуството како да се консумира овој престижен производ со специфичен мирис и вкус. Производ за којшто е потребно време додека човек да се навикне на вкусот, но потоа тој ве навлекува.

Таа признава дека дел од производите се со доминантен вкус, особено кога користи tuber uncinatum, tuber Borchi. Тоа се тартуфи со јак мирис, меѓутоа како што вели тие ги подготвува по желба на клиентите. Додека за луѓе кои не го поднесуваат мирисот, производите ги подготвува од тартуфот, tuber aestivum, што не е толку мирислив и е карактерсистичен за овој период (го има до ноември).

Таа покрај намазите, маслото, солта во нивната исхрана сувиот тартуф го користи во прав во комбинација со бибер, оригано и мајчина душица... Направив многу истражувања, опити низ годините и сега сум сигурна во себе дека успева – цврсто газам.

Ги воведувам и запознавам луѓето со благодатите на тартуфот и присуствувам на сите манифестации за здрава, органска и домашна храна. „Евал“  е член на СЛОУ фуд и на Алијансата на „Премиум производи“ заеднички бренд на македонски уникатни производи.