На неодамнешниот прв Меѓународен саем за вино, храна и туризам наречен „“Винска визија за Отворен Балкан“ зедоа учество десетици македонски компании. За нив, тоа значи предизвик за обезбедување на поголем извод на производите што ги нудат преку освојување на нови регионални пазари. Сепак, она што остана впечаток е дека во фокусот најмногу беа винариите и промоцијата на нивните сортни вина. А во тој поглед, македонските компании имаа навистина што да покажат.  

Генерално, впечатокот и импресиите на македонските компании кои беа дел од Саемот во Белград се одлични. И за оние кои веќе се застапени на српскиот пазар, но и за оние кои се помали семејни винарници, бидејќи успеаја да добијат многу поголема видливост и промоција покрај силната конкуренција. 

Македонскиот дел од компаниите ученсици се надеваат дека организацијата на „Отворен Балкан“ ќе продолжи и следните години по систем на ротација, со што следните години и Македонија ќе биде домаќин.  

„Самите потрошувачи ќе имаат поголем избор на вина, повеќе производители и да пробаат различни сорти на вино. Со тоа ќе добиеме поголем пристап до потрошувачите и во Србија, каде сме застапени како бренд. Предизвиците се големи со оглед на времето денеска. и самата криза во европа. до сега доста добро менаџираме со кризата, продолжуваме со инвестиции во производството и најверојатно проширување на асортиманот, мора да се движиме напред, вклучувајќи нови технологии да понудиме што подобар квалитет на вина на потрошувачите. Извезуваме во повеќе од 40 земји се надевам дека успешно ќе го пребродиме периодот“, вели Јани Богевски од винаријата „Бовин“ од Неготино. 

Шанса за нови пазари гледаат и од етаблираниот македонски бренд „Грозд“, кој ја произведува добро познатата струмичка мастика, а од неодамна на пазарот промовираа новата лозова ракија „Катерина Велика“.   

„Во овие тешки времиња се трудиме и даваме се од себе да чекориме напред. Се трудиме на нашите потрошувачи постојано да им нудиме и нови производи. Овој Саем ја даде можноста и да ги промовираме и нашите нови производи. Иако сме познат бренд, се надеваме на потрошувачи од целиот Балкан“, вели Катерина Митева, менаџер за развој на „Грозд“ Струмица.  

Сепак, најголема промоција на вакви регионални саеми гледаат малите семени винарници, кои на своите штандови нудеа рамо до рамо со веќе големи и познати регионални брендови. Според Душко Андов, сопственик на винарија „Ерос“ од Кавадарци, има можности да се постигнат договори со компании од Србија за пласман на виното на тамошниот пазар. 

„Луѓето кои дегустрираат вино земаат визит картички и кога одат накај Грција, навратуваат во нашите винарии да пробаат и да продолжат на одмор. Изненадени се од квалитетот на македонските вина. Доста е интересна сортата „Станушина“, таа сорта ја немаат на пазарот. Таа е само локална сорта во тиквешијата. доста се задоволни. Очекуваме контакти и деловни соработки“, смета Андов.  

Генерално, државите членки на „Отворен Балкан“ се стремат кон возобновување на економските врски со поранешните држави на Југославија, а нов партнер гледаат и во Албанија. Тоа овозможува потенцијален пазар до над 10 милиони луѓе.  

Уште пред воопшто и да се случи првиот Саем на „Отврен Балкан“ во Белград, истражувањето на тинк - тенк организацијата „Аналитика“ упатуваа на тоа дека дури 97% од извозно ориентираните компании ја поддржуваат оваа иницијатива на државите. Поголемиот дел од нив сметаат дека „Отворен Балкан“ ќе ги поедностави и забрза процедурите за извоз во регионот, ќе ги намали долгите чекања на границите и за луѓето и за компаниите, а ќе се намалат и големиот број давачки и админстративни бариери.