Владата донесе одлука за издавање хартии од вредност на германскиот пазар, обврзница позната како „Namensschuldverschreibungen“, односно NSV, во износ од 250 милиони евра. Средствата ќе се искористат за отплата на стари долгови што доспеваат како и за финансирање буџетски потреби, информираат од Министерството за финансии.

Како што  стои во информацијата, -Министерството за финансии во континуитет ги следеше пазарите на капитал и согласно опсежните анализи, овој инструмент со својата каматна стапка и рок на доспевање е најдобрата опција за портфолиото на јавниот долг. Имено, каматната стапка изнесува 3,75 проценти плус шестмесечен ЕУРИБОР, со рок на отплата од три години и 18 месеци грејс период.

NSV обврзница

NSV е инструмент кој обично го издаваат висококвалитетни клиенти со стабилен инвестициски кредитен рејтинг, а хартиите од вредност се купени од страна на германски инвеститори. NSV, како регистрирана хартија од вредност, досега е издадена во Република Полска, Ирска, Белгија, Кралството Шпанија. Овој финансиски инструмент го издаваат и КфВ, ИБРД и ЕИБ.

Изминатиов период се склучени неколку трансакции на меѓународниот пазар на капитал од страна на членки на ЕУ со повисок кредитен рејтинг од нашиот, каде што каматните стапки се движеа до околу седум отсто, со неколкукратно повисоки суми на повлекување. Ова се должи на заострувањето на условите на меѓународниот пазар на капитал, како резултат на затегнувањето на монетарната политика преку раст на каматните стапки од страна на скоро сите големи централни банки во светот, поради високата инфлација.

Почнувајќи од првиот квартал оваа година па сè до овој момент е забележан значителен пораст на цената на тргување и на секундарниот пазар на издадените евообврзници, коишто претставуваат своевиден репер за дефинирање на цената (каматната стапка) при евентуално издавање нова еврообврзница. Во моментов македонските еврообврзници се тргуваат со принос во распон од приближно седум проценти, што значи дека доколку Република Северна Македонија одеше со нова еврообврзница, каматната стапка би била на ниво од околу осум проценти, појаснуваат од Министерството.

-Во вакви услови, уште повеќе доаѓа до израз потребата за водење претпазливи домашни политики, така што Министерството за финансии пристапи кон пронаоѓање друг поповолен извор на финансирање. Министерството во соработка со Дојче банка во изминатиот период, континуирано работеше на издавањето нов финансиски инструмент којшто претставува регистрирана обврзница согласно германските закони – NSV. Со овој инструмент каматната стапка е значително пониска од онаа што би се постигнала со евентуалното издавање нова еврообврзница.

Јавниот долг надмина седум милијарди евра

Во обид да се справи со актуелната криза, особено со енергетската, владата неодамна се задолжи и кај домашни банки. На крајот на минатиот месец, министерот за финансии обелодени дека на повидок е кредитирање од „Шпаркасе банка“ за средства во висина од 50 милиони евра. Задолжувањето е со камата од 2,5 проценти, што е за 0,5 проценти помалку од каматата која се обезбедува преку емитувањето на германските хартии од вредност. Дополнитечно, во истиот период, Владата издаде и долгорочна државна обврзница од 25,5 милиони евра за период од 15 години. Каматната стапка за ова задолжување изнесува четири проценти.

Во првиот квартал минатата година,  Владата издаде еврообврзница во износ од 700 милиони евра  со досега најниска каматна стапка од 1,6 проценти. Како сега стојат работите , заклучно со вториот квартал годинава, јавниот долг на земјава достигна седум милијарди и 227 милиони евра. Тоа претставува 55,4 отсто од бруто домашниот производ.  Пред корона кризата, македонскиот јавен долг изнесуваше 5,5 милијарди евра, што во тоа време изнесуваше 49,2 отсто од бруто домашниот производ.