Штом државата зборува за „даночна реформа“, таа мисли на зголемување на даноците, од што стравуваат сите - и малите и големите фирми и граѓаните и е мерка на крајна немоќ! Тоа значи дека „водата“ во изворите на приходите во буџетот е намалеа (папсана економија), и второ: дека државата е задолжена до гуша и заемите од странските фондови се тешко достапни, односно каматите се поголеми од нашата моќ да ги враќаме парите, а и доверителите се веќе претпазливи. Долгот е над дозволената граница од 60% од БДП! Во глобала тоа не е ново во ваква светска економска криза, на која можат да и одолеат развиение земји со огормни суфицити во буџетите. Нашата вина е континуираната лоша економска, социјална, особено земјоделска политика која не доведе во речиси целосна економска зависност од увозот. То се гледа и по големиот трговски дефицит. Во првиот квартал од 2022 година, во тековните трансакции со нерезидентите е остварен дефицит од 392,4 милиони евра, главно како резултат на дефицитот во стоковната размена.

Но, тоа не може да се исправи брзо. Расходната страна на буџетот мора да се задоволи, да се платат сите „буџетари“, и да остане за капитални инвестиции, кои никогаш не се реализирани до крај. Ако не се задоволат буџетските јасли, синдикалците го креваат „народот“ на штрајк, политиката задолжително меша прсти и така никако државата да заплови во мирни развојни води, па и никако да се ослободи од „епитетот“ - најсиромашна држава во Европа.   

Никој во оваа држава не сака да каже зошто се одложува прогресивното оданочување (богатите да плаќаат поголеми даноци, сиромашните помали). Со тоа власта си навлекува сомнеж дека е, или под влијание или под нечија закана, или и самата спаѓа во редот на големите богаташи на кои не им е пријатно да им се зголемат даноците. Зошто со повисоки стапки не се оданочуваат тие што безобразно, во најголемата енергетска криза, во најсиромашната земја во Европа, сопствените базени ги загреваат на струја.

Ништо од прогресивното оданочување

За поголем прилив во буџетот и за колку-толку намалување на јазот меѓу богаташите и сиромаштијата се заговараше прогресивно оданочување, па на тој начуин да се намали „Гини“ коефициентот (процентот на распределба на богатството во земјава, која е на врвот на скалата која укажува дека во нашава земја постои најнерамномерна распределба на капиталот, а тоа е - во рацете на 1 процент жители се наоѓа 90 % од богатството, а 90 % од населението живее или на работ на сиромаштијата или под тој раб.)

Сега даночните зафаќања, не само што ќе се зголемат, туку  ќе се прошират на средства што не беа оданочувани досега, како на пример каматата на штедните влогови. Процентот на оданочување ќе биде 10%, но доволен за внесување несигурност и страв од наредно зголемување на тој дел од оданочувањето, односно дестимулација на штедењето и пасивизација на огромни средства надвор од паричните текови. Владата сопштува дека ќе се укинат и повластените даночни ставки, се надеваме дека тоа нема да бидат ставките на основните продукти, како лебот и млекото.

Владата планира од првото зафаќење да инкасира 54 милиони евра.

Истовремено, голем број стопанствениците тврдат дека по примената на новата даночна шема, ќе згаснат илјадници бизниси, фирмите ќе се селат надвор од земјава, дека  новите зафаќања се закана и за пораст на сивата економија.

Кога сме кај сивата економија, откако е светот и векот македонската економска политика не знае што да прави со неа. Секојдневно се декларира дека треба да се фати во борба со сивата економија, но од друга страна е свесна дека на тој „пазар“ се остварува 40% од БДП годишно, па така, од оваа тезга нема даноци, но нема ни притисок врз Заводот за вработување. „Мирна Бачка!“

За плаќање на придонеси за здравствено и пензиско осигурување на договорите за дело: само оваа мерка е оправдана за да се изедначи правото на социјална заштита на тие што работат без одглед на нивниот привремен или редовен работен однос.

Најпроблематична е идејата за укинување на даночното ослободување на реинвестираната добивка. Тоа беше мерка воведена за привлекување на странските инвеститори!?

Прогресивното оданочување се воведе кај данокот на имот, но некои општини не изгласаа повисоки стапки за становите и земјиштата.

Како и да свртиш, пак трагата на парите води до непродуктивната администрација во чии џепови завршува огромен дел од буџетот. Значи, најголемиот дел и од новите даноци ќе оди на зголемување на платите на администрацијата, однсоно на јавниот сектор, кој споед неофицилајални податоци достигна 200 илјади души. Значи, зголемувањето на даноците слободно можеме да кажеме нема да има речиси никава улога во развојот на земјата, туку ќе ги јадат зинатите усти на непродуктивната администрација. Власта се пофали дека со ова ќе се зголемела нејзината ефикасноста, односно нејзните услуги. Лично тврдам дека тоа нема врска едно со друго, напротив, односот на администрацијата кон работата ќе биде уште полабав и понеодговорен, зашто тој што дошол до лесно заработени пари без да вложи максимум труд секој ден и да одговара за квалитетот на својата работа, тој е ненаситен и се правда дека неговата одговорност е огромна и заслужува секогаш многу повеќе.

Работата е толку заплеткана што обичниот граѓанин не може ни да замисли. Тој секој ден тоа го чувствува преку цените на дневните трошоци во време на актуелниве две кризи (пандемија, Украина) и секој ден се жали и се плаши  за својата егзистенција. Со калемењето на новите даночни стапки, жалењето ќе се претвори во лелекање. Веќе е видлив падот на социјалните слоеви за една класа надолу - средностоечките, премнуваат во повисоката долна класа…

Дали некој во оваа држава ќе има сила и моќ да се фати за мотика, да спроведе коренита земјоделска реформа, вистински да се зафати со еколошката транзиција, за што ни стојат на располагање европски фондови преку Европската инвестициона банка. Дали некој конечно ќе ја стави науката и образованието на прво место и ќе инвестира во нив како што се инвестира во непродуктивните државни вработувања? Да, нашата економија божем ја градиме како оторена економија, но од толкавата отвореност може да биде изложена на промаја и сета светска економска теорија да си провее од едната на другата врата. Всушност, нашиот проблем е нееквивалентната домашна понуда во отворената размена. Во целата оваа тешка ситуација, единствено сидро останува цврстиот курс на денарот, Господ да го поживее.