Пред некое време, премиерот авторитетно излезе и се закани со зборовите:

„Сите функционери, сите што работат и се платени од граѓаните максимално одговорно да ги трошат државните пари. Нема да има разбирање и оправдување за ниеден функционер кој неодговорно ќе го троши буџетот со кој располага!“

Ама, не помина долго време, непослушниот во коалицијата на чело на Министерството за политички систем се појавувуа како фронтмен во организацијата на 21 годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор и ги презема на себе сите напади во врска со висината на парите што се потрошија за оваа партиска забава и тоа во денешно време, при податок дека во Македонија, која од петни жили сака да докаже дека е европска, само 18% од граѓаните користат канализација. Друго се е септичка јама, одлив на загадени води во здрави реки и езера и неконтролирано загадување на воздухот.

По заканта на премиерот, граѓаните со право си ја поткренаа гордоста, демек и ние имаме јунак што ќе удри со тупаницата на маса, ама по минатонеделниот настан, по кој сите финансиски власти молчат, ударот на тупаницата на премиерот на масата изгледа како удар на варена шпагета во порцеланска чинија.

100 илјади евра за чалам!

Некој ќе рече - што се 100 илјади евра, според податоците кои укажуваат на тоа дека во изминатата деценија од Македонија се изнесени 5-6 милијарди евра. Има луѓе што стекнале богатства какви што нема во Америка... Ама, не само Европа, туку и сите граѓани на земјава се свестија дека некој претерал без да се грижи за тоа дека барем малку треба да има фер и чесна распределба на парите. Затоа, владата мора да даде одговор - од која ставка од буџетот се парите за мононационалната и монопартиска прослава на 21 годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор од 2001 година. Од каде е скинато и како е префрлено, дали со ребаланскот на буџетот, ставка за која никој не зборуваше, кој дал согасност за таа финансиска маневра, кои народни повереници се дрзнаа така лесно и така многу да ги трошат нашите пари? Штом владата една недела молчи, значи работата е не е чиста, значи нема одговор, значи се мисли какво утешително шарено перде да се обеси пред јавноста.

Зошто се слави партиска забава со народни пари?

Политичката димензија на овој настан ќе ја премолчиме за некој да не ни префрли дека и ние даваме придонес во  реметењето на и така кревкиот политкички баланс. Но, можеби ние не сме ни толку важни, проблемот е што молчат многумина.  Само ќе спомнеме дека манифестацијата беше настан на разединување, а не на спојување и тоа јасно беше дадено до знаење со исвиркувањето на говорот на македонски јазик! Денот на рамковниот договор се слави како победа на една плитичка страна над државата во која се живее! Научна фантастика!

Од економски аспект, факт е дека поголемиот коалиционен партенр и во сегашниов и во поранешните состави на хибридниот политички микс секогаш премолчувал „веселби“ на неизбежниот партнер и тоа се провлекува и се иритира една состојба која не му е драга на еден огормен процент од жителите на нашата граѓанска држава. Па, уште постои и е иритантна процентуалнта застапеност во името на тој договор што се слави, а тој произведе огромен број нестручни неработници во администрацијата што земаат плата, а НЕ ОДАТ НА РАБОТА. Власта божем се бори и ќе се бори против корупцијата, а самата се корумпира одвнатре, меѓу себе, хермафродитски, со преќутни, но многу видливи и јасни појави.

Отворено ако зборуваме, освојувањето на финансискиот  терен е стратегија на коалиционит партнер сите овие години, од осамостојувањето до ден денешен, а како што изгледа ќе биде и понатаму. Воопшто борбата за власт е борба за буџетот, барем кај нас.

Неплаќањето даноци на одреден процент од населението веќе не се спонува во името на мирот. Но, се памети дека  една од причините за продажбата на „ЕСМ-дистрибуција“ на ЕВН беше тоа што во некои градови, села и квартови, не можеше да се наплати потрошената струја. На даноците на имот им се гледаше низ прсти и тн.

Гламурот со толкави трошоци можеме слободно да речеме дека е иритантен, дека е смислен, дека е инаетчиски и триумфалистички, за инает на „некого“... Навистина не е јасно зошто, ако во сите институции има можност да се води отворен дијалог.  

Во вакво време, на вакво економско дереџе, ако се работи за чесна намера, можеше, и достојно ќе беше, да се прослави со некаков коктел, со учество и на македонските политчари кои, како и авторот на овие редови, Рамковниот договор го сметаат за излез од кризата во 2001 година. Сите што мислат дека некоја етничка заедница требаше да остане настрана од институционалните, општествените и образовните текови- не се во право. Но, звуците од монопартиската слава и потрошените пари звучат како намнера да се нанесе штета на тој договор и на фактичката состојба.

Министерот за финансии пишува колумни, но ни тој не одговори за оваа сума од 100 илјади евра за прслава, веројатно не смее да каже ништо. Тој наместо да одговори на ова прашање, нашироко не убедува во тоа колку било важно сивата економија да се стави на бела основа („се преземат низа мерки за формализирање на неформалниот сектор“), колумна која не е никаков отчет за нешто направено или санкционирано, туку е една лекција од областа на макроекономијата, која, на тие што ја учеле оваа дисциплина, не им е ништо ново, а сигурен сум ни на пошироката јавност.

Рејтингот на хибридната власт (се мисли на партиската мешаница) паѓа на многу политички прашања, на некои и ниже успеси, но на економски план паѓа на тендери за  кујнски прибор, грицки, пилешко месо, ф’стаци, лешници, сушени модри сливи, маслинки, топено сирење, пастеризиран зеленчук, ајвар, кондиторски производи, чоколадо .... Некој ќе рече дека тоа не се големи пари, ние би рекле - не бидете наивни! Животот го прават малите нешта!

Да, животот го прават малите нешта, а меѓу нив спаѓа и меѓусебното почитување и разумно, домаќинско трошење.